Јас сум Емилија Нешкоска-Чретник, лингвистка и докторантка од областа на етимологијата на Филозофскиот факултет во Љубљана. Своите почетоци поврзани со истражувањата за македонскиот јазик ги започнав на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што го завршив првиот циклус на студии од областа на македонистиката. Потоа се роди љубовта кон историјата на македонскиот јазик, па затоа решив своето знаење да го продлабочам во најблискиот етимолошки центар на Балканот – Љубљана, кој е еден од водечките етимолошки центри во поширокиот регион и има околу сто години етимолошка традиција. На Универзитетот во Љубљана успешно ги завршив двогодишните студии од областа на славистиката – смер Јужнословенски студии и Компаративна и историска лингвистика на словенските јазици. По завршувањето на вториот циклус, се запишав на докторски студии од областа на етимологијата каде што активно им се посветувам на македонските етимолошки истражувања. Знаејќи дека македонскиот јазик не располага со етимолошки речник, во Љубљана се роди идејата за негово пишување. Благодарение на стручната поддршка, како и располагањето со богата литература што ја поседува Институтот за словенечки јазик Фран Рамовш во Љубљана, започнав да го реализирам еден од најважните и долгоочекувани проекти за македонистиката – Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, кој претставува мој личен потфат. Овој потфат не само што има за цел да го пополни значајниот научен јаз во македонската лингвистика, туку има за цел да ја воведе етимологијата во фокусот на истражувањата, каде што досега беше маргинализирана.
Страницата Етимотека е создадена од љубов и ентузијазам кон проучувањето на македонскиот јазик, пред сѐ кон неговата историја, и претставува плод на седумгодишно активно истражување. Создадена е и од потреба: да им понудиме на студентите, лингвистите, наставниците, преведувачите и љубителите на зборот – едно сигурно, чисто и научно засновано место каде што етимологијата се објаснува јасно и аргументирано.
Што ќе најдете на мојот портал?
Порталот е составен од три дела:
- Блогови
- Етимолошки речник на македонскиот јазик
- Етимолошки материјали за македонскиот јазик
Ви нуди систематски обработени податоци за потеклото и развојот на зборовите: нивната хронологија, фонетски и семантички промени и нивните индоевропски или словенски паралели.
Сакам оваа страница да стане јазично место, но и отворена работилница, каде што знаењето ќе се гради заеднички – со прашања, коментари, дискусии и нови откритија.
Мојата визија е да изградиме етимолошка архива на македонскиот јазик – јасна, отворена и достапна. Да го запишеме она што досега било и да го поврземе модерниот македонски збор со неговиот прапочеток.