Во македонскиот јазик има зборови што толку лесно се вкорениле во нашето секојдневие, што речиси никогаш не се запрашуваме од каде доаѓаат. Иако ги користиме секојдневно, тешко дека ќе го поврземе нивното потекло. Во овој блог повторно се впуштаме во светот на кулинариката за да откриеме неколку интересни факти за зборовите што ги среќаваме на трпезата. Денес фокусот го ставаме на пиперот, биберот, пиперката и феферонот. На прв поглед, тие се само имиња за вкусни кулинарични намирници, но зад нив се крие богата етимолошка приказна – испреплетена со древни трговски патишта, културни посредувања и јазични прилагодувања.
Пипер или бибер?
Историски гледано, биберот, односно пиперот имал исклучително значајна улога во трговијата. Во античкиот Рим тој се сметал за еден од највредните увозни производи од Индија. Преку Византија и подоцна Османлиското Царство, зборот и самиот производ стигнале на Балканот, каде што добиле свое место во јазикот и кујната. Она што е особено интересно, е што уште од старите времиња биберот ја задржал својата основна функција – да биде ситен зачин што им дава пикантност и престиж на јадењата. Етимолошки зборот
бибер е македонска заемка од турскиот
biber, на што укажува самиот изговор. Османлиите го презеле зборот од Грците, кои биберот го именувале
πιπερι, што во суштина претставува понова форма од
πεπερι, која се употребувала во старогрчкиот. Грчката форма, пак, е заемка од староиндискиот
pippalī, што означувал вид зачин, бибер.
Во македонската лексика зборот
бибер најчесто се јавува во разговорниот регистар, а во современиот македонски јазик, па и во дијалектите одамна се познати изразите
пипер или
црвен пипер, кои се однесуваат на зачин добиен од сушена и сомелена црвена пиперка (
Capsicum annuum) и се преземени од грчкиот јазик каде што се гласи
πιπερι со значење ‘бибер’. Дури подоцна, со ширењето на вистинскиот ориентален зачин
Piper nigrum, се појавил и називот
црн пипер, а паралелно и разговорното
бибер во денешната смисла.
Токму затоа денеска постои јасно разграничување:
- пипер, црвен пипер – зачинот направен од пиперка,
- бибер, црн пипер – зрнест зачин од растението Piper nigrum.
Пиперка: американски плод со старо име
Пиперката (Capsicum annuum), за разлика од биберот, не потекнува од Азија, туку од Централна и Јужна Америка. По откривањето на Новиот свет, семињата на пиперката биле донесени во Европа во 15-ти и 16-ти век. Балканот со својата клима и гастрономска традиција брзо ја прифатил оваа култура, која станала еден од симболите на регионот.
Името, сепак, не е ново. Кога пиперката била увезена од Америка, Европејците барале веќе познат концепт за да ја именуваат. Поради нејзината лута арома, што потсетувала на веќе познатиот бибер, за новото растение се применил веќе постоечкиот збор, а тоа е биберот. Грците, на пример, тоа го направиле на начин што на зборот
πιπερι што значи ‘бибер’ му додале суфикс
- ια, кој обично се користи за именување на растенија, како што се на пример
αγγουρια ‘краставица’,
κερασια ‘цреша’. Така настанала формата
πιπερια со значење ‘пиперка’. Македонците, пак, зборот
пиперка го презеле од грчкиот јазик, на што укажува и самиот изговор, со што го прилагодиле со суфиксот
-ка, кој е чест зборообразувачки елемент кај многу именки од женски род за именување на некои видови растенија, на пример
праска,
боровинка,
бадемка,
калинка.
Интересно е што сличен зборообразувачки и семантички модел се забележува и во романските јазици. Така, во италијанскиот, зборот
pepe ‘бибер’ послужил како основа за именување на лутата пиперка –
peperone ‘феферон’. Идентична појава среќаваме и во шпанскиот јазик: од зборот
pimiento ‘бибер’ се изведени називите за пиперката –
pimenton и
pimienta.
Српскиот јазик, пак, има поинаков развој. Зборот
паприка е творба од прасловенскиот збор
*pьpьrъ со значење ‘бибер’, повторно со наставката
-ка, како што е случај со македонскиот. Зборот
*pьpьrъ пак е рана заемка од латинскиот
piper кој значи ‘бибер’, а тоа, пак, е преземено од грчкото
πιπερι ‘бибер’. Така, денеска српскиот јазик има
папар со кој се означува биберот и
паприка со кој се означува пиперката. Меѓутоа овој збор не се задржал само на Балканот. Денеска го среќаваме во германскиот како
Paprika и унгарскиот како
paprika, кој претставува српска заемка.
Феферон: посредство преку Италија и германскиот свет
Зборот
феферон е понова заемка во македонскиот. Тој навлегол преку јужнословенските јазици од австрискиот германски
Pfefferone, кој е преземен од италијанскиот
peperone. Во италијанскиот зборот
peperone означува пиперка, често во смисла на помала или полута варијанта, а изведен е од од
pepe ‘бибер’.
Заклучок: заеднички корен, различни значења
Иако денес зборовите
бибер,
пипер,
пиперка и
феферон се јасно разграничени во својата употреба, нивното заедничко етимолошко потекло е очигледно. Сите тие потекнуваат од староиндискиот збор
pippalī.
- Биберот, односно пиперот е наследство од трговијата меѓу Индија и Средоземјето.
- Пиперка е американска култура именувана со старо име, преку адаптација на веќе познатиот збор.
- Феферон е европска заемка која преку италијанското и германското посредување, повторно ни ја потврдува врската со биберот.