Што имаат заедничко пчелата и бикот?

Кога ќе го отвориме Толковниот речник на македонскиот јазик, ги наоѓаме следниве дефиниции:
Бик
  1. Нескопено животно што најчесто служи за приплод.
  2. Многу силен, јак и отпорен човек.
  3. Зодијачко соѕвездие.
Пчела
  1. Инсект опнокрилец што дава мед.
Врз основа на горенаведените дефиниции, би рекле дека едното суштество е силен копитар, поврзан со земјоделството и мускулестата моќ, метафорчно означува и силен човек, додека, пак, другата е крилеста,  вредна и произведува мед. Со ваква површна споредба, би го затвориле речникот и на прашањето „Што имаат заедничко пчелата и бикот?“, би одговориле „Ништо.“ Сепак, работите не се толку едноставни и површни како што изгледаат на прв поглед. Доколку отвориме етимолошки речник, би дошле до сосема поинакви заклучоци.

Да започнеме од почеток.

За да направиме етимолошка анализа, неопходен ни е материјал за споредба, најпрво од сродните, словенски, јазици. Македонскиот збор бик, во некои од словенските јазици се гласи на следниов начин: руски бык, словенечки bik, чешки býk, старословенски b7yk7. Со оваа споредба откриваме како се гласел зборот во т.н. прасловенски* јазик, а тоа е *bykъ. Врз основа на т.н. реконструкција*, можеме да направиме споредба и со другите индоевропски јазици. Еднаква форма на прасловенската наоѓаме и во литванскиот јазик, каде што се гласи bukas, но овде со значење ‘птица Botaurus stellaris’. Да се вратиме кон зборообразувањето. Зборот *bykъ е изведен од глаголот *bykati ‘бучи, рика, испушта длабоки звуци’, кој е на пример сроден со македонскиот дијалектен глагол се бука со кој се поврзува испуштањето звуци кај свињите при нивното парење. Врз основа на материјалот од двете јазични групи, можеме да продреме уште едно скалило подолу, некаде во индоевропскиот јазичен свет и да ги поврземе двата збора со индоевропскиот* корен *b(h)e-, со значење ‘произведува силен, длабок звук, бучи’. Значи, врз основа на различната јазична перцепција, кај Литванците зборот се јавува со значењето ‘птица Botaurus stellaris’, веројатно затоа што древните Балти звукот го поврзале со птицата и не со бикот, како што тоа го направиле, на пример, Словените.

А, сега, да се обидеме да направиме слична етимолошка анализа и со пчелата. Македонската форма пчела е еднаква, да речеме, со словенечкиот облик čebela, рускиот пчелa, српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот pčela. Овие форми ни даваат можност да претпоставиме дека се развиле од прасловенската форма, која се гласела како *bъčela.[1] Македонската пчела или прасловенската форма *bъčela е сродна, на пример со литванскиот збор bìtė, англискиот bee, германскиот Biene, кои исто така значат пчела. А, сега, следува зборообразувањето. Зборот *bъčela  е изведен од глаголот *bъčati ‘брчи, испушта кратки звуци’, кој, пак, е сроден со глаголот *bučati ‘дава силни, моќни, длабоки звуци’. Суфиксот *-ela обично се користи за именување на нешто мало, како што е тоа пример во словенечкиот žuželka, деминутив од žužela што значи ‘инсект’ или, пак, во италијанскиот sardella ‘мала риба’, изведено од sarda ‘вид риба која е именувана според островот Сардинија’. И сега, ако се вратиме кон гласовната слика на двата корени, *bъč- и *buč-, забележуваме дека првиот корен има т.н. редуциран или краток глас (*ъ), соодветен на краткиот, брмчечки звук на пчелата, додека, пак, вториот ја носи полната звучна моќ на вокалот *u, соодветна на гласното, одекнувачко рикање на бикот. Што тоа значи? Звукот што го испушта пчелата при своето летање не е толку гласен, додека, пак, звукот кој го произведува бикот е многу погласен, подлабок и поинтензивен.

Двата збора, во времето на својот постанок, пред речиси 2000 години, звучеле како *buuku и *bukela, првиот со долг, интензивен и длабок u, вториот, пак, со краток и помалку интензивен u
Врз основа на звуците што нашите предци ги слушале и ги доживувале како особено впечатливи, можеме да согледаме колку различна била јазичната перцепција во различни заедници. Еден народ, следејќи ја својата претстава за ‘она што брмчи’, одлучил да го именува инсектот што произведува ваков звук – и така била именувана пчелата. Друг, пак, истиот акустички впечаток го поврзал со масивното животно чиј рев одекнува – и го именувал ‘бик’. А трети, во друга културна и природна средина, го поврзале истиот корен за птица чиј глас бил доволно силен за да се запамети како нејзина најкарактеристична особина.
Значи, што имаат заедничко пчелата и бикот? Одговорот лежи во звукот, во начинот како предците ги слушале овие суштества.

Именувањата во јазикот, значи, не се темелеле единствено врз логичката категоризација на светот, туку во голема мера и врз сетилното искуство.
 
[1] ъ – Во прасловенскиот јазик овој глас го именуваме тврд ер. Се работи за краток, редуциран вокал, кој не звучел како полн глас како што се a, o, e, туку бил со многу послаб интензитет.