Што имаат заедничко ајварот и кавијарот?

На прв поглед – речиси ништо. Едниот е печен, мазен, вкусен и симбол на балканската кујна, другиот е солен, скап и гламурозен деликатес од јајца на риба. Ајварот е специјалитет на балканските трпези, и речиси неизоставен дел од македонскиот доручек, додека, пак, кавијарот се сервира во кристални чинии и во елитни ресторани. Но овие деликатеси иако толку различни, сепак, имаат заедничко јазичко потекло. Да погледнеме подлабоко што сѐ се случувало во гастрономијата и на трпезите за да имаме денеска две јадења, а ист збор.

Како гастрономски производ, кавијарот се подготвувал во Персија и по бреговите на Каспиското и Црното Море, каде што одамна се ловеле есетри и други риби со икра. Од таму традицијата се проширила во Османлиското Царство, а преку него и во Западна Европа, каде што кавијарот останал симбол на луксуз, богатство и префинета исхрана. Но на Балканот, каде што зборовите и вкусовите честопати се мешале како зачини во котелот на историјата, турскиот збор havyar не останал само именка за скапоцен морски деликатес. Во еден момент истиот збор почнува да се користи и за сосем поинакво јадење – од печени пиперки, патлиџани и масло. Имено, семките од печените патлиџани, со својата темна, сјајна текстура, на визуелно ниво потсетувале на зрната икра. А тука не изостанува и текстурата на она што денес го викаме ајвар. И така, она што некогаш значело ‘јајца од риба’ почнува да означува нешто сосема друго – ‘макало од пиперки’.

А, што значи во основа зборот кавијар и од каде потекнува?

Зборот кавијар е денеска дојден преку западноевропските јазици и западната кујна, можеби е во македонскиот преземен од германскиот Kaviar. Во западноевропските јазици, пак, дошол преку турскиот havyar, со значење ‘солена рибја икра’. Но, потеклото оди уште подлабоко: персискиот збор xāvyār, или можеби уште постариот xāyek-bār, е веројатно составен од иранските зборови со значења *kap- ‘риба’ и творбата од иранскиот збор *āya- ‘јајце’ со буквално значење ‘јајце од риба’.
Овој премин не е само лингвистички феномен – тој е показател за начинот на кој јазикот ги преработува, присвојува и преосмислува значењата според потребите на заедницата. Турскиот havyar во едно културно поднебје останува кавијар, симбол на елитна исхрана; во друго – на Балканот – добива нов живот како ајвар и симбол на балканската кујна.