Кога природата зборува: етимологија на народните имиња на месеците во македонскиот јазик

Замислете година без јануари и февруари. Наместо нив – коложег и сечко. Називите на месеците претставуваат особено значајна лексичка категорија во секој јазик, бидејќи преку нив може јасно да се согледаат моделите на творење, заемање и семантичките мотивации што ја обликуваат јазичната традиција. Во македонскиот, старите народни имиња на месеците се оформени во контекст на словенската аграрна култура и се поврзани со природните циклуси, климатските особености и сезонските работи, додека, пак, латинските имиња, кои се усвојуваат подоцна преку латинскиот административен модел, ја одразуваат римската нумеричка и митолошка основа.

Да погледнеме каде се разликите:
Коложег
Значење: месец на горењето дрва
Етимологија: Зборот е сложенка од коло < *kolo ‘коло, круг’ и творбата од жега < *žega ‘жар, топлина’. Буквалното значење на зборот би било ‘жештина во круг’, со кој се симболизира ложењето на огништето со дрва во студениот месец.
Јануари
Значење: месец посветен на богот Јан
Етимологија: Зборот е преземен и прилагоден според другите називи во македонскиот јазик, како што е, на пример, февруари. Зборот е преземен преку грчкиот Ιανουάριος од латинскиот (mēnsis) Iānuārius, буквално ‘(месец) посветен на богот Јан’, што е изведено од името на латинскиот бог Iānus – ‘бог на вратите и премините, на почетокот и крајот’.
 
Сечко
Значење: месец на мразот и на сечењето дрва
Етимологија: Зборот сечко < *sěčьko е изведен од глаголот *sěkati ‘сече’ и означува име на вршител на дејството. Етимологијата произлегува од фактот што во февруари ги сечеле дрвата, бидејќи токму тогаш во нив има најмалку сок. Метафорично, името укажува и на тоа дека февруари е ‘остар’ месец – месец кој ‘сече’.
Февруари
Значење: месец на прочистувањето
Етимологија: Зборот е преземен преку старословенскиот од грчкиот Φεβρουάριος, а тоа, пак, од латинскиот (mēnsis) Februārius, буквално ‘(месец) на прочистувањето’, изведено од латинското februa со значење ‘празник на прочистувањето и жртвување за живите и мртвите’, кој се одржувал во втората половина на февруари.
 
Цутар
Значење: месец на цветањето, односно цутењето
Етимологија: Зборот цутар е изведен од цут < *květъ ‘цвет’.[1] Ја означува природата што се буди и првите цветови што се појавуваат во почетокот на пролетта. Како и имињата на многу други месеци, е изведен со суфиксот -ар < *-arь[2] со кој се означува nomen attributivum, односно име на носител на карактеристика. Во конкретниов случај цутар е месец на цутењето.
Март
Значење: месец посветен на богот Марс
Етимологија: Зборот март е преземен преку старословенскиот од грчкиот Μάρτιος, а тоа, пак, од латинскиот (mēnsis) Martius со буквално значење ‘(месец) на богот Марс’. Во римскиот календар март првично бил првиот месец во годината.
Меѓутоа по зимскиот период, римските легии повторно започнувале воени походи, па затоа месецот бил посветен на Марс.
 
Тревен
Значење: месец на тревата
Етимологија: Зборот тревен < *trěvьnъ е поименчена придавка, изведена од трева < *trěva. Во овој период тревата нагло расте, полињата зеленеат и започнуваат првите пролетни пасишта.
Април
Значење: втор месец
Етимологија: Зборот април е преземен преку старословенскиот од грчкиот Ἀπρίλιος, а тој, пак, од латинскиот (mēnsis) aprīlis ‘април’. Бидејќи април кај Римјаните бил втор месец во годината, неговото име веројатно е изведено од праиндоевропската основа *apero- ‘втор, следен’.
 
Косар
Значење: месец на косењето трева
Етимологија: Зборот косар  е изведен од именката коса < *kosa. Мај е значи месец на косењето.
Мај
Значење: месец на Мајката Земја
Етимологија: Зборот мај е преземен преку старословенскиот од грчкиот Μάιος, а тој, пак, од латинскиот (mēnsis) Māius ‘(месец) посветен на Маја, Мајката Земја’. Латинската Maia била голема божица, Мајка Земја, кон која се обраќале за добра родност на полските култури.
 
Жетвар
Значење: месец на жетвата
Етимологија: Зборот жетвар е изведен од именката жетва < *žętva, a тоа од глаголот *žęti ‘жнее’. Почеток на најважниот земјоделски труд – собирање жито, пченица и ’рж.
Јуни
Значење: месец посветен на Јунона
Етимологија: Зборот јуни е преземен преку старословенскиот од грчкиот Ἰούνιος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) Iūnius, буквално ‘(месец) посветен на Јунона’, божица во римскиот пантеон, жена од Јупитер и прва меѓу божиците.
 
Златец
Значење: златен месец
Етимологија: Зборот златец < *zoltьcь е изведен од именката злато < *zolto – според бојата на зреењето на житото и сончевите полиња.
Јули
Значење: месец посветен на Јулиј Цезар
Етимологија: Зборот јули е преземен преку старословенскиот од грчкиот Ἰούλιος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) Iūlius. Месецот е именуван по Јулиј Цезар реформатор на календарот, кој ја вовел престапнaта година.
 
Житар
Значење: месец на житото
Етимологија: Зборот житар < *žitarь е изведен од именката жито < *žito. Името е поврзано со завршните работи околу житните култури – носење и складирање на житото.
Август
Значење: месец посветен на Октавијан
Етимологија: Зборот август е преземен преку старословенскиот од грчкиот Αὔγουστος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) Augustus. Римјаните го именувале овој месец во чест на царот Октавијан, кого го нарекувале и Augustus, буквално ‘возвишениот’.
 
Гроздобер
Значење: месец на берење грозје
Етимологија: Зборот е сложенка од именките грозд < *grozdъ и творбата од презентската основа на глаголот бере < *beretъ (3. л. едн.), инфинитив *bьrati ‘собира, бере.
Септември
Значење: седми месец
Етимологија: Зборот септември е преземен и прилагоден преку старословенскиот од грчкиот σεπτέμβριος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) September, буквално ‘седми (месец)’, што е творба од латинското septem ‘седум’. Кај Римјаните годината започнувала со март (кога започнува пролетта и новиот природен циклус), па затоа септември бил седми, а не деветти месец.
 
Листопад
Значење: месец на паѓањето лисје
Етимологија: : Зборот е сложенка од именките лист < *listъ и творбата од глаголот паѓа < *padati. Зборот го означува месецот на паѓањето лисја.
Октомври
Значење: осми месец
Етимологија: Зборот октомври[3] е преземен и прилагоден преку старословенскиот од грчкиот ὀκτώβριος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) Octōber буквално ‘осми (месец)’, што е творба од латинското octō ‘осум’. Кај Римјаните годината започнувала со март (кога започнува пролетта и новиот природен циклус), па затоа октомври бил осми, а не десетти месец.
 
Студен
Значење: месец на студот
Етимологија: Зборот студен < *studьnъ е поименчена придавка, изведена од студ < *studъ. Зборот го означува периодот на студено време.
Ноември
Значење: деветти месец
Етимологија: Зборот ноември е преземен и прилагоден преку старословенскиот од грчкиот νοέμβριος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) November, буквално ‘деветти (месец)’, творба од латинското novem ‘девет’. Кај Римјаните годината започнувала со март (кога започнува пролетта и новиот природен циклус), па затоа ноември бил деветти, а не единаесетти месец.
 
Снежник
Значење: месец на снегот
Етимологија: Зборот снежник е изведен од придавката *sněžьnъ ‘снежен’, а тоа од именката *sněgъ ‘снег’. Месецот го означува периодот на врнење снег.
Декември
Значење: десетти месец
Етимологија: Зборот декември е преземен преку старословенскиот од грчкиот Δεκέμβριος, а тоа, пак, од латинското (mēnsis) December, буквално ‘десетти (месец)’, што е творба од латинското decem ‘десет’. Кај Римјаните годината започнувала со март (кога започнува пролетта и новиот природен циклус), па затоа декември бил десетти, а
 
[1] Развојот во цут, наместо во цвет е западномакедонска карактеристика. Разликата се објаснува со тоа што во западната област в бил сѐ уште билабијален глас, додека во источната област, спореди цвет, тој веќе преминал во лабио-дентален глас, каков што e и во современиот македонски јазик. Слична појава постои и кај глаголот ѕуни наспрема ѕвони каде што имаме консонантска група ѕв- во почетокот на зборот (Конески Блаже. 1986. Историја на македонскиот јазик. Скопје: Култура, стр. 37).
[2] Станува збор за стар суфикс, преземен од латинскиот -ārius, кој во прасловенскиот преминал во *-arь.
[3] Вметнатиот глас -м- е веројатно последица на аналогија според септемвти и ноември. Во спротивно би очекувале октобри.