Божик или Божиќ?
Секоја година, штом ќе се појави празничната еуфорија, повторно оживува истото прашање кое со години се поставува и коментира: дали правилно се пишува и изговара Божик или Божиќ? На социјалните мрежи ќе ги сретнете двете форми, а луѓето често се двоумат – понекогаш дури и се расправаат дали „мекото“ ќ звучи поубаво или поприродно или е можеби под српско влијание. Важно е веднаш да се нагласи дека во овој блог не се занимаваме со јазичниот вкус или стилската допадливост, ниту со тоа „што звучи поубаво“ или „помеко“. Нашиот пристап не се потпира врз нормативизмот, туку врз етимолошки аргументации.
Да започнеме од почеток.
Која е најпрво етимологијата на зборот Божик или можеби Божиќ?
Основната форма од којашто е изведен овој збор, е зборот бог, кој има длабока и добро документирана историја во сите словенски јазици. Еднаква форма среќаваме и во јужнословенските јазици, на пример бугарски бог, српски, хрватски, босански, црногорски и словенечки bog, руски бог, во чешкиот, пак, ја среќаваме како bůh. Зборот претставува претхристијански термин, чии траги се гледаат и во древните индоирански јазици. Во авестискиот на пример го среќаваме како baγa- со значење ‘бог, господар, удел’, во староперсискиот како bay ‘бог’, а во староиндискиот како bhága- со значење ‘бог, оној што дели богатство, имот, благосостојба’.
Тука веќе станува и јасно дека најстарото значење на зборот ‘бог’ не било некакво ‘божество’ во денешна теолошка смисла, туку треба да се поаѓа од значењето ‘дел, удел; бог на уделот, судбината’. Како можеме да го потврдиме тоа значење? Значењето ‘удел’, односно ‘дел’, е имено зачувано во придавката богат со значење ‘таков што има голем удел, дел’ или на пример во словенечката придавка ubog ‘беден’, првично ‘таков што нема дел, богатство’.
А, сега нешто околу зборообразувањето на Божик, односно Божиќ.
Божик и Божиќ првично претставуваат деминутивни образувања, односно именки со кои се означува нешто мало; во конкретниов случај зборот значи ‘мал Бог’, односно ‘раѓање на малиот Бог’. Еднаков зборообразувачки модел среќаваме и кај имињата од словенската митологија: Сварог, како врховно небесно божество во словенскиот пантеон, и Сварожиќ, името на неговиот син, богот на сонцето.
Зошто Божик?
Образувањето на Божик се сведува кон изведување со наставката *-ikъ од основата Бог, која во словенските јазици, меѓудругото, служи и за образување деминутивни именки со значење ‘мал’, ‘млад’. Тоа го потврдува деминутивот во рускиот листик ‘ливче’ изведен од лист ‘лист’, полски bób ‘боранија’, старополски bobik ‘гравче’.
Зошто Божиќ?
Образувањето на Божиќ се сведува кон изведување со наставката *-it'ь од основата Бог, која во словенските јазици, меѓудругото, служи и за образување деминутивни именки со значење ‘мал’, ‘млад’. Така, овој рефлекс го наоѓаме во српскиот јазик како Божић ‘Божиќ, Божик’ и старочешкиот božic ‘син божји’. Одразот -иќ (< *-it'ь) во македонскиот јазик е засилен под српско влијание, a тоа ни го потврдуваат следниве зборови – плеќи (првичниот рефлекс бил плешти, зачуван во македонските дијалекти, но под влијание на српскиот изговор плећа, денеска имаме плеќи), гаќи (првично гашти, зачуван во топонимот Кривогаштани, спореди и српски гаће). Така, првичниот рефлекс шт, кој е, инаку зачуван во зборовите пештера, маштеа (спореди и маќеа), паштерка е некако одамна потиснат и надоместен со ќ.
А, сега, да се вратиме кон прашањето „Дали Божик или Божиќ?“
Во македонскиот литературен јазик формата Божиќ има долга и стабилна традиција. Мекото ќ е веќе одамна одомаќинето и денес речиси никој не го доживува како туѓо или внесено под влијание од друг јазик. Впрочем, ни за зборови како маќеа (спореди српски маћеха), ќе (спореди српски ће) и други нема да кажеме дека се позајмени или под влијание на српскиот јазик, иако ја делат истата гласовна промена. Согледувајќи ги горенаведените јазични факти, станува јасно дека зборот историски има две форми, и дека двете форми – Божик и Божиќ – се правилни.
Затоа, следниот пат кога ќе се најдете пред „дилемата“, само потсетете се: нема погрешен избор.
Среќен Божик и Божиќ!