Препорачано

Неколку работи за македонскиот чекор

Во овој текст ќе ѝ се посветиме на македонската лексема чекор[1], која со ваква зборообразувачка структура и со денешното основно значење ‘движење на нозете при одење’, се јавува само во македонскиот јазик. Пред да пристапиме кон етимолошка анализа на зборот, да видиме како истиот се гласи во другите словенски јазици:
 
словенечки korаk
српски, хрватски, босански и црногорски korak
бугарски крaчка
чешки, словачки и полски krok
горнолужички kročel
долнолужички kšaceń
белоруски крок, украински крок
руски шаг
 
Според изнесениот споредбен материјал, јасно се гледа дека зборот чекор не покажува никаква гласовна ниту зборообразувачка поврзаност со соодветните лексеми во другите словенски јазици. Бидејќи компаративната анализа во рамките на словенскиот ареал не нуди можност за заемна етимолошка основа, потрагата по објаснување на формата и значењето на зборот мора да се насочи кон друг извор – македонските дијалекти.

Во југоисточните македонски дијалекти, како и во одделни бугарски говори со слободен акцент (акцент на вториот слог), лексемата чекóр е засведочена и со значење ‘трупец’, ‘дел од суво, исушено дрво што стрчи од земјата’. Во истата значенска парадигма се наоѓа и литературниот збор чкор, кој означува ‘дел од исушено дрво’, ‘трупец, пен’. Поради нивната очигледна формална блискост и паралелните, но различно развиени значења, се наметнува потребата двете форми да се разгледаат како можни продолженија на една заедничка основа, при што ќе се реконструира нивното првично значење и меѓусебната семантичко-морфолошка поврзаност.
Разгледуваните лексеми чекор и чкор имаат навидум две тешко усогласливи значења, затоа во понатамошниот дел ќе се обидеме да ја објасниме нивната поврзаност.

Од каде потекнува зборот чекор?
Доколку направиме зборообразувачка анализа, би рекле дека зборот чекор, прасловенски *čekòrъ, е најверојатно изведен од глаголот чекори, прасловенски *čekori̋ti. Слично изведување имаме и кај формите *vorvòrъ ← *vorvorti ‘зборува’, *polpòlъ ← *polpolti ‘гори’, *korkòrъ ← *korkorti ‘крака’. Доколку претпоставиме дека првичниот акцент на зборот чекор бил оној во југоисточните дијалекти, односно чекóр, и ако ги споредиме поствербалите *vorvòrъ, *polpòlъ и *korkòrъ, кои, инаку, имаат идентичен акцент како и македонската лексема *čekòrъ, можеме оправдано да претпоставиме дека и именката *čekòrъ > македонски чекор, е зборообразувачки поствербал[2].

Чкор
Преминувајќи кон лексемата чкор и нејзината релација со македонскиот чекор, може да се претпостави следново: земајќи ја предвид првичната акцентска позиција на зборот чекор[3], можеме да ја објаснеме и редукцијата[4] на гласот е во ь:[5] *čekòrъ > *čьkòrъ, и последично македонската форма чкор. Значи, вокалот е поради неакцентираноста ослабува и последично отпаѓа, со што настанува формата чкор, наместо чекор.

Глаголот чекори е понатаму изведен од индоевропскиот корен *(s)ker- кој значи ‘се врти, се криви’. Во основа станува збор за редуплицирана[6] глаголска основа *kér-kor- од којашто е изведен поствербалот *ker-koro > *čekòrъ > македонски чекор со првично значење ‘вртење, кривење’.
Значи, првичното значење на зборот *kér-kor- > *čekòrъ не било  ‘чекор’, туку ‘виткање, кривење’, кој во одреден момент распаднал на две различни значења:
  1. ‘суво, исушено дрво’, ‘корен’ и ‘пен, дебел, кус трупец’ и ‘дел од гранка’, присутно во чкор, веројатно поради искривените корени на дрвото.
  2. преку значењето ‘подвижен дел од човековото тело; тој дел што се врти, криви’, кој преку ‘нога’ се развил во ‘чекор’.
Доколку ги сумираме наведените јазични факти, можеме да кажеме дека зборот чекор е по форма и значење единствен во македонскиот јазик и е во етимолошка врска со зборот чкор. И двете форми се развиле од формата *čekòrъ, што е поствербал од интензивниот глагол *čekorti, изведен од индоевропскиот корен *(s)ker- ‘се врти, криви’. Првата форма е *čekòrъ ‘чекор’, а втората *čьkòrъ, денешно ‘чкор’, настаната со отпаѓање на неакцентираниот вокал. Од првичната семантичка основа ‘она што се криви, витка’ произлегле две јасно разграничени значења, засведочени во македонскиот јазик:

(1) чекор – ‘движење на нозете при одење’ и
(2) чкор – ‘дел од исушено дрво’, ‘трупец, пен’.
 

[1] Текстов претставува скратена верзија од научниот труд, објавен во Slavistična revija со наслов K izvoru makedonske besede čekor 'korak' (https://wmk1-ci.xsoftstatic1.com/Write/07691/Files/K-izvoru-makedonske-besede-%C4%8Dekor_korak.pdf).
[2] Поствербал е збор изведен од глагол.
[3] Во поголемиот дел од македонските дијалекти, како и во литературниот јазик, важи акцентското правило пропарокситонеза, односно акцентирање на третиот слог од крајот на зборот. Слободната акцентска позиција, меѓутоа, се задржува во југоисточните дијалекти, каде што разгледуваниот збор се акцентира како чекóр, со варијанта чикóр. Иако акцентските карактеристики во македонскиот јазик обично не се од клучно значење за етимолошка анализа, во овој случај неопходно е да се земе предвид првичниот акцент и акцентскиот тип, според кој македонската лексема се менувала пред воспоставувањето на пропарокситонезата.
[4] Редукција значи отпаѓање на самогласките, обично кога не се акцентирани, како што е примерот со *čelov > *čьlov ‘човек’.
[5] ь – Во прасловенскиот јазик овој глас го именуваме мал ер. Се работи за краток, редуциран вокал, кој не звучел како полн глас како што се a, o, e, туку бил со многу послаб интензитет.
[6] Редупликација е удвојување на коренот, како што е примерот во верверица < *věrverica од коренот *u̯er- ‘се врти’.