Ако некогаш сте се запрашале зошто на македонски – како и на српски, хрватски, босански и црногорски – русата коса се нарекува
плава, веројатно сте почувствувале мало колебање и сомневање. Звучи парадоксално бојата на косата што во секојдневното искуство ја препознаваме како жолтеникава, да се опишува со придавката
плав, која денес ја поврзуваме исклучиво со сината боја. Меѓутоа, плавата коса не е случајна метафора, ниту пак некаков поетски украс што се вкоренил во нашиот јазик. И, што навистина се крие зад оваа придавка, ќе ни објасни етимологијата која и на ова прашање има одговор.
Најпрво треба да разјасниме една работа. Зад придавката
плав се кријат два различни збора, кои со себе носат различно потекло и етимологија.
Придавката
плав е во основа наследена од
прасловенскиот јазик каде што се гласела како *
polvъ, која со една гласовна промена, во јужнословенските јазици се развила во
*plavъ и се користела со значење ‘бел, жолтеникав, блед’. Тоа ни го потврдуваат значењата во современите словенски јазици – словенечки
plav ‘светложолт’ (придавка преземена од хрватскиот јазик), српски, хрватски, црногорски и босански
plav ‘рус’, во бугарските дијалекти
плав е присутен со значење ‘блед, жолтеникав’, во рускиот
половый, во чешкиот и словачкиот
plavý, како и во лужичките јазици
płowy со значење ‘жолтеникав, со сива нијанса’.
Меѓутоа во подоцнежниот период во јужнословенските јазици преку баварскиот јазик навлегува придавката
plau, која во стандардниот германски се гласи како
blau, во англскиот како
blue и значи ‘плав, син’. Оваа придавка во суштина започнува да се користи за опишување на предмети и работи кои имаат сина боја, особено во српскиот јазик. Така, денеска за човек што има светли очи, обично ќе кажеме дека има плави очи, исто така ќе кажеме дека небото е плаво, а не сино. Во овој случај значи имаме ситуација кога придавката
плав која е од германско потекло и значи ‘син’, е навлезена несомнено преку српскиот јазик, бидејќи Македонците немале директен контакт со германските народи.
Сепак, останува прашањето: зошто баш германската придавка
плав се „одомаќинила“, а домашните придавки
син и
модар паднале во втор план? Одговорот лежи во културните асоцијации и начинот на кој зборувачите ги восприемале појавите во природата. Во многу јужнословенски дијалекти, имено придавката
син имала негативна конотација: се употребувала за опишување на болести, бледост, сини модрици или за кожата на заклани животни. Затоа, за очите на пример не било погодно да се користи токму овој збор.
Модар пак, развил друга негативна конотација – често се користел за опис на модрици и смрзнатини (Neshkoska Chretnik,
Encyclopedia of Slavic Languages and Linguistics Online:
Color Terms).
И така, доаѓаме до денешниот „парадокс“: косата ја нарекуваме плава затоа што таму зборот го задржал своето старо, прасловенско значење – ‘светол, жолтеникав’, а очите и небото ги викаме плави ‘благодарение’ на германската заемка со значење ‘син’.
Еден збор, две приказни, и еден убав пример колку јазикот знае да биде жив и сложен.