Препорачано

Зборот збор отвора: етимологија на македонскиот збор


Лексемата збор со целата своја деривациска парадигма, спореди: зборче, зборник, зборувач, зборлив, зборовен, зборува – претставува карактеристична лексема со која во македонскиот јазик се означува ‘збир од јазични знаци што сочинуваат одреден поим’.
Во другите словенски јазици за истото значење се користат следниве зборови:

Српски, хрватски, босански, црногорски: r(ij)eč 
Словенечки: beseda 
Бугарски: дума 
Руски, украински: слово
Белоруски: слова 
Полски: słowo 
Чешки, словачки: slovo 
Горнолужички, долнолужички: słowo 
 
Да ја погледнеме етимологијата на зборот.

Зборот е продолжение на прасловенската форма *sъborъ, што претставува nomen actionis, односно име на дејство, чие значење во најстариот јазичен слој е доследно засведочено како ‘собир’, ‘конгрес’, ‘заедничко дејствување на група луѓе’. Оваа прасловенска именка е зачувана во повеќето словенски јазици, при што семантиката останува непроменета: бугарски събор, хрватски и српски sabor, руски сбор, словенечки zbor, чешки sbor. Сите форми упатуваат на значења, поврзани со собири, хорско дејствување, колективен чин или организиран собир. Во сите овие случаи останува недвојбено јасно дека именката во словенските јазици ја означува групата, собирот или дејноста, а не претставува елемент на јазичен израз.
Зборообразувачки гледано, зборот е дериват од глаголот *sъbьrati ‘собере’, составен од префиксот *sъ(n) ‘заедно’ и глаголската основа *bьrati ‘збира, зема, прибира’, oдразена во глаголите бере, собира итн.

Во македонскиот јазик, меѓутоа, се развива семантичка дивергенција која ja издвојува оваа лексема како јазична посебност. Имено, покрај наследеното значење ‘собир, настан’ што и денес е застапено во одредени контексти, именката збор во современиот јазик означува јазична, поимна единица. Со истото значење се јавува во експресивни и архаични изрази во српскиот и хрватскиот јазик, спореди nema zbora, nema sumnje – istina je.[1]
 
Се поставува прашањето како и зошто значењето ‘собир’ еволуиралo во ‘збор’?
 
Историските собири не претставувале само физички средби, туку и места на јавна комуникација: места на политичка расправа, јавно изнесување одлуки и размена на релевантни информации. Во таков функционален контекст, говорниот чин се јавува како семантички обележлива активност, поврзана со самиот собир, што доведува до постепено издвојување на говорот како доминантна содржина во поимната структура на именката. Овој модел, меѓутоа, не е изолиран феномен, туку е типолошки паралелен со развојот во други индоевропски јазици. Особено значаен е грчкиот пример, во кој од глаголот λέγω ‘собирам’ е изведена именката λόγος со значење ‘збор’.[2] Уште во времето на Хомер, глаголот λέγω ги добива значењата ‘кажувам, изнесувам, раскажувам’, што произлегува од идејата дека говорот е чин на редење или собирање на искази. Од истиот глагол е творена и именката λέξις, која во античката филозофска и реторичка традиција го добива значењето ‘исказ, говор, рационален поим, збор’.

Во овој контекст треба да се спомене и зборот разбор, кој го среќаваме со значење ‘разбирање, сфаќање, проценка, разум’, кој претставува дериват од глаголот *orz-bьrati ‘разбра, аналитички размисли’. Значенскиот пренос од ‘собира’ во ‘аналитички размислува, проценува’ е повторно типолошки засведочен, на пример во латинскиот intelligō < *inter-legō ‘разбира, сфаќа, анализира’, составен од префиксот inter ‘меѓу, помеѓу’ и legō ‘собирам’, подоцна и ‘читам’.
 
Да заклучиме: лексемата збор претставува семантичка дивергенција, бидејќи за разлика од другите словенски јазици, со исклучок на српскиот и хрватскиот, каде што наследената форма ја задржува значенската врска со ‘собир’, во македонскиот се остварува последователен семантички премин: од ‘собир’ кон ‘говорен чин’, од ‘говорен чин’ кон ‘говорна единица’, и конечно кон значењето ‘јазична единица со определена семантичка вредност’, слично како што е тоа во грчкиот глагол λέγω ‘собирам’ наспрема именката λόγος со значење ‘збор’.
[1] Преземено од Hrvatski jezični portal.
[2] Во Илијада и Одисеја овој збор се јавува со значење ‘пресметување, сметка, оцена, разум, говор’.