Кога буквата расте од дрво: приказна за буквата и буката

Во овој блог се задржуваме на етимологијата на два збора кои денес функционираат како семантички целосно раздвоени единици и на кои еден говорник тешко би им припишал заедничко потекло. Станува збор за именките бука и буква. Едната означува конкретен природен објект – вид листопадно дрво; другата означува апстрактен графички знак, основна единица на писмото. Сепак, нивната етимологија покажува дека оваа денешна раздвоеност е резултат на сложен историски и семантички развој.

Да започнеме со буквата:

Зборот буква денеска го користиме со значење ‘знак со кој се означуваат одделните гласови во јазикот’. Морфолошки гледано, денешната форма буква, која е, инаку, настаната по аналогно воспоставување на наставката -а во номинатив, е наследена од прасловенскиот јазик каде што се гласела *bukъve (номинатив *buky), слично како и *smokъve, номинатив *smoky ‘смоква’. Зборот, се разбира, постои и во другите словенски јазици, спореди српски, хрватски, бугарски, руски буква ‘буква’, словенечки bukve ‘книга’ (развиено преку значењето ‘многу букви’ > ‘книга’). Интересен е и фактот што овој збор постои и во името на нашата азбука, која е составена од личната заменска форма во 1. л. едн. аз со значење ‘јас’ и коренот бук- од *bukъve со значење ‘букви’.

Меѓутоа, овој збор не е дел од словенскиот фонд, туку претставува рана заемка од германскиот јазичен ареал. Историскиот контакт меѓу Словените и западните Германи започнува во VI век од н.е., кога словенските племиња го населуваат источниот дел на Средна и Југоисточна Европа. Во таа фаза прасловенската форма *buky, *bukъve била преземена од празападногерманска основа, сродна со старовисокогерманската форма buoh, германската Buch ‘книга, старо печатено дело’, готската bōka ‘бука, буково дрво’, множина bōkōs ‘книга, писмо’, старосашката bōka ‘исто’, англиската book ‘книга’.

Да преминеме кон буката:

Именката бука во современиот македонски јазик означува ‘вид листопадно, планинско дрво со широка крошна’. Во повеќето словенски јазици истиот поим се изразува со именка од машки род: српски, чешки buk, руски, бугарски бук, додека, пак, во хрватскиот постои bukva, во словенечкиот bukev, именки од женски род. Формата од а-основа (бука) освен во македонскиот, се среќава и во бугарскиот јазик, како и во одделни хрватски дијалекти, а во српскиот е засведочена и варијантата буква како назив за дрвото. Македонската форма бука, наместо очекуваното бук, се смета за јужнословенска иновација, создадена по аналогија со други називи за дрва од а-основа (сп. ела, врба). И оваа именка историски води потекло од прасловенската основа *buky, *bukъve, која, како што е погоре наведено, претставува рана заемка од празападногерманска форма сродна со оние форми во другите германски јазици.

Каде, како и зошто дошло до промена на значењето од ‘бука’ во ‘буква’?

Семантичкиот преод од називот за дрвото бука кон значењето ‘буква’ не претставува непосредна словенска иновација, туку резултат на повеќеслоен германско-словенски контакт и на специфични културно-писмени околности. Во прагерманскиот јазик формата *bōk- најверојатно првично означувала ‘бука’, од каде што по метонимиски пат се развило значењето ‘буково дрво како материјал за пишување’, односно ‘букова таблица, стапче со врежани знаци’, а потоа ‘писмо, писмен документ, книга’.

Ваквиот модел на именување предмет според материјалот е типолошки добро засведочен во латинскиот, спореди liber ‘внатрешна кора’ > ‘лист за пишување’ > ‘книга’ и грчкиот βίβλος ‘папирусова кора’ > ‘книга’. Сличен семантички модел гледаме во староиндискиот збор bhūrjá- ‘бреза’ и ‘брезова кора за пишување’.

Клучниот пресврт кон значењето ‘буква’ се случува најверојатно во готскиот книжевен контекст од IV век: множинска форма bōkōs означувала ‘писмо, текст’, а при преводот на грчкото γράμματα била употребена како еквивалент; оттаму, по аналогија со еднинската форма γράμμα ‘буква’, се појавува и готското bōka со значење ‘буква’. Оваа секундарна семантичка специјализација, настаната во преводна ситуација, подоцна била пренесена во словенскиот јазичен простор преку рани германски заемки. Старословенското bukъvi првично означувало ‘писмо, книга, исправа’, но постепено се стеснувало во ‘букви’, а во подоцнежните словенски јазици значењето се стабилизирало како ‘графички знак’. Истовремено, во македонскиот јазик за да се избегне полисемијата, формата за дрвото, спореди буква, се поедноставува во бука, додека зборот буква останува за означување на графичките знаци.