Препорачано

Има ли македонскиот јазик падежи?

Во овој блог не ѝ се посветуваме на етимологијата, туку на една друга јазична категорија, која честопати знае да биде проблематична од повеќе видици. Бидејќи честопати се поставува прашањето дали македонскиот јазик има падежи, дали има падежни остатоци и слично, во овој блог ќе се обидеме да одговориме токму на овие прашања.

Да започнеме од почеток.

Од прасловенскиот јазик, за кој пишувавме во минатиот блог, македонскиот јазик во раната фаза наследил седум падежи, и тоа: номинатив, генитив, датив, акузатив, вокатив, локатив и инструментал – секoj со своја функција.

Најпрво да ја погледнеме дефиницијата и етимологијата на зборот падеж. Категоријата падеж е поврзана со синтаксичката употреба на именката. Падежот е определен со врската на именката со други зборови во реченицата, а падежната форма е показател на таа врска. Македонскиот назив падеж, кој е, инаку, преземен од српскиот, значи токму: пад, паѓање, бидејќи се мислело дека зборот „паѓа“ од форма во форма кога се деклинира, односно постојано се менува во зависност од неговата функција. Тоа е превод на латинскиот назив cāsus, кој е изведен од глаголот cadō, cadēre, што исто така значи ‘паѓа’.

Дали сите зборови се менуваат по падеж? Одговорот е – не. Деклинацијата, односно менувањето по падежи им е својствено само на одредени зборовни групи, а тоа се на прво место именките, потоа придавките, заменките и броевите. Останатите зборовни групи, како што се глаголите, познаваат друга категорија, која се вика конјугација, односно менување на глаголот по лице, број и време.

Во овој дел ќе се задржиме на прасловенскиот падежен систем и нема да навлегуваме подлабоко во индоевропскиот јазик, бидејќи тој познавал и други падежи релации. За да направиме полесна споредба, во продолжение за секој падеж ќе посочиме примери од српскиот јазик, кој има падежен систем и истите форми ќе ги споредуваме со конструкциите во македонскиот јазик.

Треба да се подвлече дека долунаведените функции на падежите не се единствени, туку најосновни, кои подоцна се прошириле и во секој јазик поединечно добиле дополнителни функции, за што во овој блог секако нема да пишуваме. 

Номинативот, односно (cāsus) nōminātīvus е падеж кој се однесувал на именување на предметите, појавите, вршителот на дејството, како и именскиот дел од прирокот.
Пример:

Кој дојде? – Сашо. Ko je došao? – Sašo.
Што е ова? – Куќа. – Šta je ovo? – Kuća.
Мојот брат е лекар. – Moj brat je lekar.
 
Генитивот, односно (cāsus) genitīvus е падеж со кој првично се изразува родот, припадноста, дел од целото, количина, како и одредени карактеристики.
Пример:
Од кого го доби ова? – Од татко ми. Od koga si ovo dobio? – Od svog oca.
Од што е направена тортава? – Од јагоди. Od čega je napravljena torta? – Od jagoda.
Од каде си? – Од Македонија. Odakle si? – Iz Makedonije.
Испив малку вино. – Popio sam malo vina.
Изедов парче леб. – Pojeo sam komad hleba.
Девојка со плави очи. – Devojka plavih očiju.
 
Дативот, односно (cāsus) datīvus е падеж со кој се означува одредена намена, некаква усмереност, изразување состојба.
Пример:
Кому му е ова наменето? – Наменето му е на Бојан. Kome je ovo namenjeno? – Namenjeno je Bojanu.
За што служи ова? – Ова служи за пишување. Čemu je ovo namenjeno? – Ovo je namenjeno pisanju.
На Марко му е ладно. – Marku je hladno.
Каде отиде? – Отиде на лекар. – Gde je otišao? – Otišao je lekaru.
Досадно ми е. – Dosadno mi je.
 
Акузативот, односно (cāsus) accūsātīvus е падеж со кој се означува директниот предмет врз којшто се врши одредено дејствие, се означува правецот на движење, како и времето (денови од неделата).
Пример:
Кого виде денеска? – Го видов Марко. Koga si danas video? – Video sam Marka.
Што купи? – Купив торта. Šta si kupio? – Kupio sam tortu.
Ќе дојдам в сабота. – Doći ću u subotu.
Ме боли главата. – Boli me glava. 

Вокативот, односно (cāsus) vocātīvus е падеж со кој се прозива, повикува некого, се употребува и за обраќање некому.
Пример:
Боже, помогни ми. – Bože, pomozi mi.
Како си, пријателе? – Kako si, prijatelju?
 
Локативот, односно (cāsus) locātīvus е падеж со кој се означува место, положба или тема на говор, време.
Пример:
Каде си? – Во Скопје. Gde si? – U Skoplju.
За кого зборуваш? – Зборувам за брат ми. O kome govoriš? – Govorim o bratu.
Ќе дојдам во јуни. – Doći ću u junu.
 
Инструменталот, односно (cāsus) īnstrūmentālis е падеж со кој се означува средство, начин или придружба.
Пример:
Со кого одиш? – Одам со другар ми. S kim ideš? – Idem s prijateljem.
Со што пишуваш? – Пишувам со молив. Čime pišeš? – Pišem olovkom.

А, сега да се вратиме кон губењето на падежниот систем. Во македонскиот јазик постојат низа процеси, кои предизвикале изместување на деклинацијата и совпаѓање на падежните наставки, што резултирало со форми, кои денеска ги познаваме само како номинативни.
Меѓутоа, кои граматички категории го надоместиле падежниот систем? Во овој дел повторно ќе употребиме конструкции од српскиот јазик за да ги споредиме со конструкциите во македонскиот.

Со предлози:
Dao sam knjigu Marku. – Му ја дадов книгата на Марко.
On je profesor srpskog jezika. – Тој е професор по српски јазик.
Svi mi smo deo ovog projekta. – Сите ние сме дел од овој проект.

Со кратки заменски форми и постпозитивен член:
Rekao sam čoveku. – Му реков на човекот.
Očistio sam kuću. – Ја исчистив куќата.

Со редоследот на реченичните членови:
Petra je videla Petra. – Петра го виде Петар.

Тука се поставува и прашањето зошто и како дошло до губењето на падежниот систем во македонскиот јазик?

Најпрво треба да се даде еден кус историски и географски преглед на околностите. Македонскиот јазик, заедно со бугарскиот, се дел од т.н. балкански јазичен сојуз, во кој спаѓаат и албанскиот, грчкиот, турскиот, југоистичните српски говори, ромскиот, романскиот, мегленовлашкиот и влашкиот јазик, како и еврејскиот шпански (ладино) и за кој се карактеристични низа јазични промени, какви што се удвојувањето на директниот и индиректниот предмет, постпозитивниот член, губењето на инфинитивот и замената со да-конструкција итн.

Во овие јазици веќе бил развиен аналитичкиот начин на изразување на граматичките односи, при што падежните форми биле значително редуцирани, но не кај сите: турскиот јазик ги зачувал падежите без значителни промени, албанскиот јазик задржал пет, односно шест падежи, а ромскиот јазик има дури осум падежи. Старогрчкиот јазик имал пет падежи, додека современиот грчки има четири. Затоа не можеме да тврдиме дека само јазиците од балканскиот јазичен сојуз влијаеле врз промената на падежниот систем, туку причината треба да се бара и во системот на македонскиот јазик, каде што започнале да се развиваат одредени жаришта.

Самото исчезнување на падежниот систем се одвивало постепено и во повеќе фази. Најнапред започнало мешањето и изедначувањето на одделни падежи, при што особено рано бил засегнат локативот. Потоа се изгубила разликата меѓу изразувањето на движење и мирување (на пр. Каде одиш? и Каде живееш?), што довело до тоа акузативот да ја преземе функцијата на локативот. Потоа, акузативната форма почнала да навлегува и во сферата на другите падежи, постепено истиснувајќи ги. Истовремено, се засилувала употребата на предлози, кои станувале главни носители на граматичките односи. Особено значајна е појавата на предлогот на, кој почнал да ја изразува функцијата на дативот и генитивот (на пр. Му реков на човекот), со што предлогот фактички ја заменил падежната наставка.

Како резултат на овие процеси, во јазикот постепено се оформува една општа именска форма, која ги заменува старите падежни облици. Тежиштето на изразување се префрла од морфологијата кон синтаксата: наместо наставки, односите се изразуваат со предлози, со членот, збороредотот и сл. Овој процес не се одвивал нагло, туку траел со векови, при што некои траги од старите падежи се задржале во одделни говори.

Иако по сето ова можеме да кажеме дека македонскиот јазик нема падежи, сепак, има остатоци од падежниот систем. А каде се појавуваат тие остатоци?

Кај кратките заменски форми за директен и индиректен предмет:
Ѝ реков на Анастасија. Нејзе ѝ реков.
Му реков на човекот.
Им должам извинување. 
Го видов него.

Кај формите за повикување:
Боже, што направи?
Блаже, ќе ми ја донесеш ли книгата?
Мажу, смеам ли нешто да прашам? 

Во прашалните заменски форми:
Кого го виде?
Кому му рече?

Се разбира, наведените примери се од македонскиот стандарден јазик. Кога станува збор за дијалектите, можеме да пишуваме уште многу на оваа тема. Затоа ве канам да напишете во коментар како се гласат падежните конструкции во вашите дијалектите, доколку истите постојат.