Препорачано

Македонскиот јазик меѓу словенските јазици

Веројатно ни е познато дека македонскиот јазик му припаѓа на словенското јазично семејство, поточно на јужнословенската група јазици. Но, колку навистина ја познаваме неговата историја и каде се огледуваат неговите подлабоки корени?
Во овој блог ќе се задржиме на македонскиот јазик како дел од словенската јазична заедница: на неговиот развој, историскиот контекст и на карактеристиките што го издвојуваат од останатите словенски јазици.

Прасловенски јазик – јазик предник
Македонскиот јазик е словенски јазик, наследен од прасловенскиот, кој претставува најстара заедничка јазична основа од која се развиле сите словенски јазици. Со други зборови речено, претставува предник на денешниот македонски, како и на останатите словенски јазици. Тој не е зачуван во пишани споменици, како што е тоа случај со старословенскиот јазик, но неговата структура може да се реконструира со голема сигурност врз основа на споредбата на денешната состојба во словенските јазици.

Како го правиме тоа?
Доколку сакаме да знаеме како се гласела формата на зборот млеко во прасловенскиот јазик, мораме да направиме споредба на формите кои се засведочени во словенските јазици: старословенски mlěko, словенечки mlеko, српски, хрватски, босански и црногорски ml(ij)еko, македонски млеко, бугарски мляко, руски молоко. Врз основа на оваа споредба, можеме да ја реконструираме прасловенската форма *melko, која со одредени јазични законитости се развила така, како што е прикажано погоре.

Меѓутоа, прасловенскиот јазик не може да се разбере без неговиот поширок историски контекст. Неговите корени водат до праиндоевропската јазична заедница, чии говорители пред пет и повеќе илјади години се поврзуваат со степските култури на просторот меѓу Днепар и Урал. Оттаму, дел од населението – предците на Словените и Балтите – постепено се придвижува кон северозапад, во пределите меѓу Карпатите и Балтичкото Море. Во текот на овој долг процес, некогашниот релативно единствен јазик почнува да се диференцира: на север се оформува прабалтичкиот, од којшто подоцна се развиваат прускиот, кој има статус на мртов јазик, и денешниот литвански и латвиски, додека, пак, на југ се развива прасловенскиот јазик.[1]

Праиндоевропскиот јазик, значи, претставува јазик предник на речиси сите современи јазици во Европа, како и на оние кои се зборуваат или се зборувале во Иран, Авганистан, Пакистан и северната половина на Индија.

Прасловенскиот, како посебна фаза, се врзува за периодот до околу 500 година од н. е. и се говорел во Источна Европа, најверојатно северно од Карпатите. Со почетокот на словенските преселби во VI век, прасловенскиот јазик излегува од своите првични граници и се шири кон југ, запад и исток. Тоа значи дека се формираат три различни групи, кои ги именуваме како макрогеолекти: јужен, источен и западен макрогеолект.
Од овие три макрогеолекти постепено се развиваат современите словенски јазици:
  • Западнословенски јазици: чешки, словачки и полски, лужичките јазици (горнолужички и долнолужички), кашупски и изумрениот полапски.
  • Источнословенски јазици: руски, белоруски и украински.
  • Јужнословенски јазици: старословенски, словенечки, српски, хрватски, босански, црногорски, македонски и бугарски.
Македонскиот е јужнословенски јазик, кој заедно со бугарскиот и старословенскиот јазик, во чија основа се македонските и бугарските говори, ја сочинуваат источната подгрупа, додека пак, словенечкиот и централниот јужнословенски јазик,[2] врз чија основа подоцна се формираат четири стандардни јазици – хрватски, српски, босански и црногорски, ја сочинуваат западната подгрупа на јужнословенската група јазици.

Повторно поделбата на јазиците не застанува тука. Со одделните гласовни промени од конвергентен тип, кои се простираат на поголемиот македонски јазичен ареал и творат една целина, источнојужнословенскиот геолект се расцепува на два дела. Гласовните промени коишто се случиле на поголемиот дел од македонскиот територијален простор, претставуваат македонска иновација, и се главен критериум за генеалошкото разликување на македонскиот јазик, најпрво во однос на бугарскиот како најсроден, а потоа и во однос на српскиот. Поголемиот дел од тие иновации, за кои пишуваме подолу, се автохтони, односно настанале на македонскиот јазичен простор и денеска го одредуваат македонскиот јазик како посебен јужнословенски јазик во рамките на словенскиот јазичен свет. 

Според кои промени се разликува македонскиот од бугарскиот како најсроден јазик?[3]

Во овој дел треба да се подвлече дека мерилата кои ги применуваме за споредба на јазиците, се темелат врз дијахрониските гласовни промени, кои имаат свои систематски и јасни законитости. Токму тие овозможуваат прецизна реконструкција на заедничката праформа и засновано утврдување на генеалошката сродност меѓу јазиците.
 
  1. Појава на секундарниот вокал – по губењето на прасловенските јерови ,  во слаба позиција (позиција на крајот од зборот или позиција кога слогот по неговиот содржи полна самогласка), во доцниот прасловенски на крајот на зборот настанала согласничка секвенца со слоготворен сонант, кој подоцна се декомпонирал на секундарен вокал и сонант. Секундарниот вокал во јужнословенските јазици се развил на следниов начин: во литературниот македонски најчесто како о[4], во позиција пред r во а (понекогаш е), во штокавските литературни јазици во a, во бугарскиот ə <ъ>, во словенечкиот ə :
    • *xytrъ > *xit ‘итер, снаодлив’ > мак. итар/итер, ншток. hitar, буг. хитър, словен. hiter.
    • Ном. едн., м. р. л-парт. *pеklъ > *pеk ‘(ис)пекол’ > мак. ис-пекол, ншток. pekao, буг. пeкъл, словен. pekel.
  2. Вокализација на еровите , во силна позиција е гласовна појава според која еровите во силна позиција (позиција пред слог со ерови во слаба позиција) се вокализирале на начин, што во источната и двата полугласа се развиле во различни вокали – во македонскиот јазик > e, > o, во бугарскиот, пак, > e, > ә <ъ>, во западната група на јужнословенските јазици, пак, полувокалите совпаднале во еден глас (во штокавските литературни јазици во а, во словенечкиот во а или е, во зависност од квантитетот, односно должината на вокалот):
    • *dьnь ‘ден’ > (словен. dan, ншток. dan), мак. ден, буг. дeн.
    • *sъnъ ‘сон’ > (словен. sen, ншток. san), мак. сон, буг. сън.
  3. Замена на рефлексот на носовката од преден ред ę во носовка од заден ред ǫ претставува гласовна промена според која носовка од преден ред во почетна позиција или во почеток на слогот, зад гласот ј  се прегласила во носовка од заден ред:
    • *językъ > мак. јазик, буг. езuк, ншток. jеzik, словен. jеzik.
    • *jętry, ген. *jętrъve > мак. јатрва, буг. етърва, ншток. jеtrva, словен. jеtrva. *zajęcь > мак. зајак, буг. зaек, ншток. zеc, словен. zаjec.
  4. Пропарокситонски акцент (антепенултима), односно акцентирање на три- и повеќесложните зборови на третиот слог од крајот на зборот, кој е карактеристичен само за македонскиот јазик: ст'олица, стол'ицата, уч'илиште, учил'иштето. Македонскиот јазик, значи, има динамичен и определен акцент, што, пак, не е случај за бугарскиот и српскиот јазик. И во тој поглед македонскиот во голема мера се оддалечил од бугарскиот јазик, кој има слободен акцент, како и од српскиот јазик, кој покрај слободниот акцент, има и тонеми.
 

[1] Snoj, M. (2021). Praslovanščina. Во M. Šekli и L. Rezoničnik (уред.). Zbornik slavističnega društva Slovenije 31, 151 – 163. Ljubljana: Zveza društev Slavistično društvo Slovenije.
[2] Терминот е преземен од хрватската лингвистика, каде што во оригинал гласи srednjojužnoslavenski jezik. Овој поим се однесува на јазичниот простор кој се простира од словенечкиот на северозапад до македонскиот и бугарскиот на југоисток и опфаќа три наречја – кајкавско, чакавско и (западно- и источно)штокавско наречје со торлачка подгрупа.
[3] Гласовните промени се претставени според моделот кој е опишан во книгата Primerjalno glasoslovje slovanskih jezikov I – od praindoevropščine do praslovanščine и монографијата Tipologija lingvogenez slovanskih jezikov, чијшто автор е Матеј Шекли (Šekli 2014, 2018).
[4] Во суштина се работи за совпаѓање на рефлекот на ерот од заден ред со оној на секундарниот.